Вечерва во Белград се испиша историја, бидејќи Арманд Дуплантис го собори светскиот рекорд во скок со стап.
Шведскиот атлетичар прескокна височина од 6,19 метри и со тоа го надмина сопствениот резултат, најдобар на сите времиња. Тоа го направи во третата серија со помош на поддршката од публиката во белградската „Штарк арена“.
Дуплантис прво прескокна 5,61 метри, а потоа и 5,85. Колку за загревање.
Тогаш скалата отиде на точно 6,00 метри и тој лесно ја префрли, па во договор со тренерот реши веднаш да го нападне светскиот рекорд.
Тој изнесуваше 6,18, па скалата беше поставена еден сантиметар над таа граница.
Во првиот обид ја собори летвичката со рака, а во вториот тоа го направи со нозете.
Во последниот скок ја доби поддршката од целата сала и успеа да испише историја.