Иако најголем дел од јавноста кај источниот сосед не се сложува со одлуката Бугарија да не игра во Софија на стадионот „Васил Левски“, а од бугарскиот сојуз образложуваа дека стадионот во Разград е единствен засега по највисоки критериуми, наводно според бугарскиот медиум, одлуката е од страв и за навивачки нереди во бугарската престолнина.
Според информациите, службите кај источниот сосед добиле информации дека се подготвува масовна инвазија на македонски навивачи во Софија, а поради лошите резултати на бугарската репрезентација и малата заинтересираност, можело да доведе, Фалангата да биде побројна од бугарските навивачи на „Васил Левски“.
Но, проблемот е поголем, поради стравувањата дека се можни жестоки пресметки пред, за време и после мечот. Поради ова, Бугарија не сакала да игра ни на стадионот во Стара Загора, домот на Берое, па затоа е избран Разград зашто е потешко да се стигне до таму и многу полесно може сѐ да се контролира.
„Балканското дерби“ на Бугарија и Македонија ќе биде прво после шест години од мартовскиот пораз во 2016 година во Скопје со 0-2, ама во доста тензичен период поради блокадата за пристапните преговори со ЕУ на Софија кон Македонија, најмногу со барањата за промена на историјата и негирањето на македонскиот јазик.
Мечот во Разград помеѓу Бугарија и Македонија треба да се игра на 2 јуни од 18 часот, во воведното коло од третата сезона во Лигата на нации.