Фулам славеше во мечот од англискиот Чемпионшип со 1:5 на гостувањето кај Свонси, со што го зголеми водството на врвот на табелата и шансите за враќање во Премиер лигата следната сезона. Вториот гол за лондонскиот клуб го постигна нивниот убедливо најдобар играч Александар Митровиќ.
За српскиот напаѓач и репрезентативец ова беше 35. лигашки гол сезонава на само 33 настапи. Тој веќе го собори историскиот рекорд од вториот ранг на англискиот фудбал по број на голови во една сезона, а сега само го зголемува. Тешко е да се процени каде ќе застане бидејќи до крајот на сезоната има уште 11 кола.
Митровиќ е и најдобар стрелец во светот во 2022 година со 13 гола на исто толку настапи. Од прволигашите прв вицешампион е Роберт Левандовски со 12 гола. Неверојатниот Полјак вечерва против Салцбург го постигна својот 42. гол сезонава.
И 35-ката на Митровиќ е за почит иако е втората по ранг англиска лига. Поранешниот играч на Партизан, Андерлехт и Њукасл е најдобриот стрелец во историјата на српската репрезентација со 44 гола, а во кариерата постигна повеќе од 200.