Според шпанските медиуми, Килијан Мбапе следната недела ќе потпише неверојатен договор со Реал Мадрид.
Килијан Мбапе постигна два гола во дуелот против Реал Мадрид во осминафиналето на Лигата на шампионите, а шпанските медиуми тврдат дека тимот од Мадрид – освен што ги победи парижаните, по овие натпревари успеал да им ја украде и најголемата ѕвезда. Според „Марка“, шпанскиот гигант следната недела ќе ја заврши работата со францускиот напаѓач!
Мбапе ќе се пресели во Мадрид како слободен играч, бидејќи на крајот од сезоната му истекува договорот со ПСЖ, кој ги вложи последните атоми сила во последните недели за да го убеди да остане. Очигледно нема ништо од тоа.
Во последните неколку дена мадриѓаните ги интензивираа преговорите со Килијан , кој веќе неколку месеци е нивна главна мета за следната сезона.
Секако, уште еден мегаломански проект на Флорентино Перез мора да има централна фигура, а изборот падна на човек за кој многумина веруваат дека ќе доминира со светскиот фудбал во следните десет години. Колку е добар и колку се оправдани тие очекувања покажа и на дуелот против Реал Мадрид кога беше најдобар играч на ПСЖ и стрелец на двата гола на францускиот тим.
Парижаните сепак беа елиминирани, а тоа е уште еден аргумент на Реал во борбата за потписот.
Тимот од Мадрид има многу повеќе адути да го убеди Килијан Мбапе, а еден се и трофеите кои ќе му бидат попристапни отколку во Париз.
Секако, значаен ќе биде и финансискиот аспект на оваа приказна. Шпанските медиуми претпоставуваат дека платата на младиот напаѓач ќе биде околу 25 милиони евра, а тој „на рака“ ќе добие меѓу 60 и 80 милиони евра штом ќе го потпише договорот. Иако тврдат дека тоа ќе се случи следната недела, Шпанците велат дека Мбапе нема да биде претставен како играч на Реал пред крајот на сезоната.