Пандев беше еден од тројцата предложени делегати на ОФС Струмица заедно со Ѓорѓи Гоцевски и Ванчо Коцев на 28 февруари годинава, но ниту еден од тројцата струмички делегати денеска на Собранието не беа верификувани со мандат, па Пандев иако избран од својот матичен општински сојуз се соочи со нова опструкција од раководството на ФФМ.
Од ФФМ добивме информација дека процедурата за избор на делегати преку ОФС Струмица не била испочитувана и поради тоа никој од делегатите од овој ОФС не биле верификувани, а со тоа не присуствуваа на денешното редовно Собрание
„Ниту документацијата, ниту процедурата, ниту роковите не беа испочитувани. Откако од страна на ФФМ им беше побарано да достават целосна документација, немаше одговор, ниту пак ја доставија бараната документација“, е образложението од ФФМ.
Пандев повеќе од една година е во војна со актуелното раководство на ФФМ предводено од Муамед Сејдини.
ОФС Струмица лани не избра делегати за изборното Собрание на ФФМ, на кое Сејдини доби четиригодишен мандат, па ФФМ се реваншираше со суспензии на судии, контролори и делегати на мечеви од овој голем фудбалски регион и центар. Пандев, пак, секојапт ја критикуваше ФФМ, почнувајќи од поделените премии за пласманот на Еуро 2020 меѓу фотелјашите во УО, па сѐ до последните напади дека „се градат терени за да се полнат сопствени џебови“.