Четирите порази со само два освоени сета ќе ги остават македонските одбојкари на последното место на табелата во групата во Тампере, но нужно не мора да значат дека ќе завршиме на дното на континенталниот собир. Од сегашна перспектива можеме да бидеме подобри само од Црна Гора која покрај тоа што нема победа или бод, нема ниту сет. А тоа пак, ни остава простор да бидеме 23-ти во конечното рангирање што би можело да има важност за некои идни калкулации
Денеска (16 ч.) македонската одбојкарска репрезентација ќе го одигра својот последен меч на за нас второто Европско во историјата. По четирите стартни порази од Финска, Холандија, Турција и Шпанија, момците на Душко Николиќ денеска како за крај ќе го имаат најсилниот противник.
Репрезентацијата на Русија која е еден од фаворитите за европскиот трон, по 4 кола е на 3. место на табелата во нашата група, затоа што изненадувачки беше поразена од Турција на стартот на првенството, а загуби еден бод и во 2. коло кога победи против Холандија со минимални 3:2.
Фактот што денеска го имаме последниот меч на ова ЕП, треба да биде мотив плус да го дадеме најдоброто од себе. Предводени од капитенот Никола Ѓорѓиев кој е меѓу ТОП 5 најдобри поентери на првенството досега, Македонија денеска мора да го одигра својот најдобар меч на континенталниот собир. За нас и побед и пораз резултатски не менуваат ништо, но сликата која ќе ја оставиме на крајот на првенството треба да биде патоказ за иднината.
Затоа денес на роденденот на Македонија го очекуваме најдоброто издание на нашите спортски амбасадори.