Најмладиот маратонец пливач што некогаш го препливал нашиот езерски бисер оваа патека ја мина за 6:52 часа. По пристигнувањето на целта беше пречекан со овации од присутните, изјавувајќи дека е пресреќен и задоволен од најновиот подвиг, кој го испливал лесно и за побрзо време од очекуваното.
Ова беше дел од десетте маратонски препливувања на Марко, кој има хендикеп односно некроза на ногата, планирани за ова лето во вкупна должина од 250 километри, со што повеќе пати ќе го прокрстари Охридското Езеро од македонска страна. Целта на 16-годишниот охридски спортски херој е со личен пример да ги инспирира луѓето никогаш да не се откажуваат од нивните соништа, бидејќи како што порачува тој, сè е можно, со посветеност и истрајност.
Охриѓанецот Пејчиновски првпат ѝ стана познат на јавноста пред четири години, кога со 12 години како најмлад во историјата го „скроти“ Охридското езеро.