Целосниот распад на ѕвездениот тим на ПСЖ по елиминацијата уште во осминафиналето од Лигата на шампионите по двомечот со Реал Мадрид, кулминира со завчерашното исвиркување на најдобрите во тимот, а од навредите не побегна ниту Лионел Меси.
Тој првпат во кариерата беше напаѓан од навивачите на тимот за кој настапува, откако од трибините му свиреа секогаш кога топката беше кај него. Аргентинецот подолго време е несреќен во Париз, поради што игра далеку под своето ниво, а ваквиот однос на фановите само ја зголеми неговата желба за бегство.
„Таткото на Меси, кој воедно е и негов менаџер, пред неколку дена ја контактирал управата на Барселона, со желба да преговараат за негово враќање на ‘Камп Ноу’“, напиша шпанскиот добро информиран новинар, Жерар Ромеро.
Аргентинскиот магионичар сезонава на 26 средби постигна само седум голови и одново настапот во ЛШ го заврши во нокаут-фазата.