Бевме во слична ситуација во 2018 година, кога требаше да ја поминеме Романија за пласман на СП 2019 и успеавме во тоа, иако во реваншот во Клуж загубивме, по високата победа во Скопје. Тој натпревар го натера Чави Пасквал да си даде отказ од селекторската функција, но минатата година повторно ја презеде, сега и како тренер на Динамо Букурешт. Тоа дава знаци на сериозни намери и планови за романскиот машки ракомет.
„ Пасквал ми е добро познат тренер, 12 години беше во Барселона. Да опстанеш 12 години во една таква институција значи дека си еден од најдобрите тренери на светот. Сигурно дека ќе добијат и веќе добија многу со него, на сериозност, на квалитет, на стратегија и на клупски и на репрезентативниот ракомет. Што се однесува до нас имаме доста промени во однос на тој натпревар. Имаме доста новитети, доста нови играчи кои не беа дел од тој бараж. Еден противник кој е доста силен, никако не смеем да го потцениме, напротив треба да го гледаме со респект, бидејќи познавајќи го Чави сигурно ќе подготви некое изненадување. Ние еве веќе почнавме, направивме една сеанса, анализираме и сигурен сум дека добро ќе се подготвиме за тие бараж натпревари“, истакна селекторот Кире Лазаров.
Овој пат само Романија нема да ни биде доволна за пласман. Ако ја поминеме, тоа ќе значи само дека сме се пласирале во второто ниво од овој плеј-оф, каде што ќе не чека Чешка, на 13 и на 16 април. Затоа, многу поважно ќе биде како игра Македонија, а не противниците.
„Ние не треба да се оптоваруваме со Романија. Почнавме една работа која треба да ја продолжиме и да ја надградиме. Има работи со кои сум задоволен,но има работи кои треба да ги поправиме. Колку и да си добар секогаш има простор за напредување. Важно е дека сме на добар пат и сигурен сум дека ќе се подготвиме добро и дека ќе има една добра претстава“, дополни Лазаров.
Тој и неговиот стручен тим веќе имаат подготвено видео анализи за Романците, на кои ќе им се посветат уште попладнево. Ракометарите дел пристигнаа синоќа, дел денеска, а ќе се комплетираат вечерва со доаѓањето на Никола Митревски. Тој, како и Жарко Пешевски и Филип Миркуловски ќе ги пропуштат денешните тренинзи, но од утре Македонија ќе работи во полн состав, само без оние кои се знаеше од претходно дека се повредени: Манасков, Велковски и Мишевски.