Кралското друштво за заштита на животните (RSPCA) покрена кривична постапка против фудбалерот на Вест Хем, Курт Зума, врз основа на Законот за благосостојба на животните.
Кривична постапка е покрената и против братот на Зума, Џоан.
„По темелна истрага, го започнавме процесот на гонење на Курт и Џоан Зума, според Законот за благосостојба на животните“, се вели во соопштението на RSPCA.
Џоан Зума го сними својот брат како ја шутира неговата мачка, а по објавувањето на снимката на социјалните мрежи, RSPCA ја презеде грижата за двете мачки на фудбалерот на Вест Хем.
Вест Хем потоа изрече „најголема можна казна“ за својот дефанзивец. Максималната казна што клубот може да ја изрече е одземање на двонеделна плата, а во случајот на Зума таа изнесува речиси 300.000 евра.
Зума ја прифатил казната и побарал сумата да биде донирана на организација за заштита на животните.
Вест Хем соопшти дека се свесни за чекорите преземени од Кралското друштво за заштита на животните и дека Зума „целосно соработува, со поддршка од клубот“.
„Колку што разбравме, мачките на Курт биле прегледани од ветеринар, тие се во добра здравствена состојба и не претрпеле никакви физички повреди. Од правни причини ниту Курт ниту клубот нема да дадат дополнителни коментари“, соопшти Вест Хем.
Фудбалскиот клуб Дагенхам го суспендираше Џоан Зума минатиот месец, но сега објави дека играчот ќе биде во конкуренција за тимот бидејќи „секоја дополнителна суспензија би била штетна и за играчот и за клубот“.