Македонската фудбалска легенда, Дарко Панчев, беше гостин во новата епизода на „Спортлајт“, во која зборуваше на многу теми, меѓу кои и за неговите фудбалски почетоци.
Популарната „Кобра“ вели дека сегашните услови за тренинг на младите фудбалери се одлични, во споредба со условите во кои тој се развиваше како фудбалер. Тој вели дека денешните фудбалери се како манекени, додека во нивно време немале пари за да си купат копачки и топка.
„Во денешниот фудбал не треба да слушаме никаки изговори од типот – ни фали ова или она. Кога ќе се вратам години наназад се запрашувам – па што имавме ние, некои добри услови за фудбалски почетоци? Трениравме на каливи терени, со никакви топки. Копачки немаше од каде да купиме. Кога ќе ги видам денешните млади фудбалери како се опремени, со убави копачки, убави топки… Како манекени се“, рече македонската легенда.
Панчев во својата фудбалска кариера најголем траг остави во дресот на Црвена Звезда со кој освои сè што можеше да се освои на клупски план.