Хрватскиот првак Динамо Загреб не може да се замисли без својот капитен Аријан Адеми, македонски репрезентативец и бескомпромисен фудбалер кој никогаш не се штеди и кој е „суво злато“ за загрепчани, па колкав е ефектот на тимот откри статистиката на „Спортске Новости“.
Адеми сезонава се измачи со повреди, актуелната од повеќе од три недели му е трета од летоска откако почна прво европската авантура на Динамо, па сезоната во ХНЛ. Поради тоа во ХНЛ има само 10 настапи и вкупно 570 минути, а во Европа нешто повеќе – 600 минути.
Колку е ефектот на Адеми кажуваат бројките, а тие се немилосрдни. Да бил комплетно здрав македонскиот репрезентативец, веројатно Динамо уште сега ќе беше првак. Без него во тимот, Динамо загубил 21 бод од можните 24 бода во првенството. А, со него како стартер загубил само три бода.
„Нема некој што ќе ви каже дека со и без Адеми е исто. Аријан знае да подвикне на тренинг, за мечеви да не зборуваме, никогаш не допушта некој да се опушти. А, бројките доволно говорат за тоа“, пишува „Спортске Новости“.
Адеми е многу важен и за македонската репрезентација, но откако Благоја Милевски седна на кормилото ниту еднаш не успеа да го испроба тандемот Енис Барди – Адеми во срцето на средниот ред. Адеми го немаше во септемвриските и ноемвриските мечеви поради повреди, а Барди во октомвриските. Сега пред мечот со Италија, настапот на Адеми е исклучително важен, зашто веќе еден голем адут македонската репрезентација ќе нема во суспендираниот Елиф Елмас.