Рафаел Надал во вечерашното полуфинале на турнирот во Индијан Велс за противник ќе го има сонародникот Карлос Алкараз, кој важи за еден од најголемите таленти на АТП-листата со оглед што има само 18 години, а веќе игра маестрално.
„Кралот на земјените терени“ се уште нема пораз во 2022 година, но за да дојде до финалето на мастерсот во САД ќе треба да го мине „детето“ кое пред шест години буквално го молеше заедно да се фотографираат. Алкараз тогаш имаше само 12 години и беше обично дете вљубено во тенисот чиј идол е токму Надал, против кого вечерва ќе игра на патот кон првиот мастерс-трофеј. Шпанската „Марка“ оваа пресметка ја нарече „Дуел на кралот и на принцот на тенисот“.
„Алкараз ќе биде незапирлив во понатамошниот дел од кариерата. Ги има сите потребни состојки, како страст, напорна работа и скромност. Добро момче е, и ме потсетува на мене кога имав 17-18 години“, изјави Надал.
Младиот тенисер е одушевен од можноста да игра против својот идол, но нема намера однапред да се предаде. Овој дуел е закажан најрано за 22.30 часот, односно кога ќе заврши првото полуфинале помеѓу Рубљов и Фриц.