Фудбалерите на Интер продолжуваат со (пот)просечните игри во последниот месец во Серија А, откако на домашен терен одиграа само нерешено против Фиорентина (1-1), што е нивно четврто реми во последните шест меча во италијанскиот шампионат, заедно со по една победа и пораз.

„Нераѕурите“ дури и можат да бидат задоволни со освоениот бод, бидејќи противникот во 93. минута имаше зицер, со оглед што Иконе излезе сам пред Хандановиќ, кој, за среќа на домаќинот, одреагира пантерски и спречи сензација. „Виолетовите“ први поведоа преку Лукас Тореира во 51. минута, но Дамфрис изедначи по само четири минути. Судијата десетина минути подоцна досуди пенал за Интер, но по проверката со ВАР истиот го поништи.

 

Тимот предводен од Симоне Инзаги сега е трет со 60 бодови, три помалку од лидерите Милан и Наполи, кој има меч повеќе во однос на градските ривали од Милано.