Младата украинска атлетичарка Јарослава Махучик, дојде до златниот медал на Светското првенство во атлетика во сала во Белград и тоа во дисциплината скок во височина со прескокнати 202 сантиметри.
„Ова е медал за моите сограѓани и војници. Среќна сум што ја претставувам Украина“, изјави Махучик.
Таа објасни што се ѝ се случувало од 24 февруари, кога почна рускиот напад врз Украина и дека минала низ пекол само за да стигне до Белград.
„Беше тешко кога почна нападот и веднаш со родителите побегнавме на село. Во таа недела не помислував на тренинг, а не, пак, на натпреварувањата. Но, добив повик од федерацијата дека мора да настапам и да се борам за Украина. Четири дена патував до Белград, а потоа ќе заминам за Германија. Се надевам дека наскоро ќе може да се вратам во мојата татковина“, дополни новата светска првенка.