Македонија утре во Палермо ќе истрча против европскиот првак и Ристовски посочува дека црвено-жолтите нема што да загубат, но нема да се предадат до последна секунда, и да го изненадат фаворитот.
„Ние сме големо семејство, си помагаме еден на друг и за да победите на вакви рулет мечеви против големи селекции потребна е обединетост и тимски дух, сите да се жртвуваат. Јас еднаш го запрев Кристијано Роналдо, па знам како и Италија да ја запрам“, им најави десниот бек кој има калчолигашко искуство како фудбалер на Парма, Бари, Фросиноне, Кротоне и Латина.
Европскиот првак Италија нормално е апсолутен фаворит, но Македонија е дојдена да направи ново чудо и да направи уште еден голем чекор поблизу до Мундијалот.
„Немаме што да загубиме, но ве уверувам дека не дојдовме од почеток да се предадеме. Ќе се обидеме на Македонија да и донесеме нова голема радост. Имаме два меча пред себе, но прво мислиме само на Италија. Знаеме која е Италија, европски првак, тим со фантастични фудбалери и ние ќе играме против нив. Од своето искуство во Италија научив многу и знам со кое оружје треба да дејствуваме за да ги доведеме во потешкотии ‘аѕурите’“, вели Ристовски.
Вардаровото дете, кој уште како тинејџер замина за Италија, па потоа после италијанските авантури играше за Риека и Спортинг Лисабон, пред да дојде во Динамо Загреб е еден од најискусните во националниот тим и капитен откако Горан Пандев замина во пензија.