Италија ќе биде значително ослабена на утрешниот бараж натпревар против Македонија во битка за пласман на СП. Селекторот Роберто Манчини нема да го има „гранитниот ѕид“ пред голот на Донарума што го правеа ветераните Кјелини и Бонучи, а го нема и Џовани Ди Лоренцо на десната бековска позиција. Од тимот што го освои ЕУРО 2020, недостигаат и Федерико Киеза кој е најдобар италијански фудбалер како и Спинацола.

Во стоперската линија ќе бидат Бастони и Мансини, десен бек Де Шилјо, а лево ќе делува Емерсон.

Во средниот ред, Жоргињо од Челси, Николо Барела од Интер и Марко Верати од ПСЖ. Тоа е изгледа и ударна сила во тимот на Роберто Манчини па за нив Македонија ќе мора да најде решение.

Во нападот, најверојатно Чиро Имобиле како централен напаѓач и Лоренцо Инсиње и Доменико Берарди по крилните позиции.

Дуелот меѓу Италија и Македонија ќе се игра утревечер на „Ренцо Барбера“ во Палермо. Стадионот со капацитет од 36.000 места  комплетно е распродаден, а се очекува да бидат присутни и околу 1.500 навивачи од Македонија како дел од фалангата која се очекуваше да биде далеку побројна.