Италија загуби сензационално на домашен терен од Македонија со 0:1 во дополнителните квалификации за Светското првенство. Актуелниот европски првак на тој начин беше исфрлен од македонските херои, а на Италија за првпат во историјата и недостасуваат две светски првенства во низа. По цел ден италијанските медиуми прават анализи за да се обидат да објаснат каде тргнало наопаку.
Фудбалерите и стручниот штаб на Италија сакаат да побегнат од кошмарот што го доживуваат и да се обидат што побрзо да заборават на еден од најболните порази во историјата. Сепак, тоа нема да им биде можно барем уште некое време. Имено, УЕФА донесе правилник според кој репрезентациите кои ќе испаднат од бараж квалификациите мора да одиграат пријателски натпревар.
Така, Италија во вторник во Коња ќе игра против Турција, само пет дена по шокот што и го нанесе Македонија. Ваков натпревар веројатно никому не му се игра во вакви околности, но одлука е донесена. Секако, истото важи и за останатите репрезентации кои испаѓаат во полуфиналето од плеј-офот.