Македонија направи сензација со триумфот со 1-0, како надополнување на првото чудо во овие квалификации кога беше победена Германија со 2-1, па сега Португалија е последна пречка пред уште поголем историски резултат – настап на Светското првенство во Катар.
„Ова е голема сензација, зашто Македонија го победи европскиот првак и тоа уште на нивен терен! Италија беше доминантна, напаѓаше, креираше…, имаа 15 корнери, не знам колку шутеви, ама тоа не е доволно да победиш. Ти треба тој гол за да дојдеш до резултат. И ние ја имавме таа среќа да дадеме гол во 92 минута, ама сепак среќата треба да се заслужи! Трајковски даде извонреден гол, како Роналдо! Сега треба да се спремиме за Португалија, да пробаме и таму да изненадиме, зошто да не?“, вели Панчев.
Македонската „кобра“, поранешната европска „златна копачка“ потенцира дека Македонија со Милевски има поинаков лик, зашто актуелниот селектор сака да игра фудбал, без оглед што вчера одигравме на „италијански“ начин и со тотална дефанзива се одбранивме, а од два шута дадовме еден гол за да го расплачеме актуелниот европски шампион во судиското надополнување.