Кристијано Роналдо, капитенот на Португалија, ќе биде најопасниот фудбалер за Македонија во плеј-оф финалето на „Драгао“.
Првото име во редовите на португалската репрезентација го најави мечот со тимот на Благоја Милевски. Тој не верува дека нашиот национален тим ќе има сили за ново изненадување.
„Тоа е финале и ние сме подготвени. Фаворити? Не го разбирам баш тоа, но секогаш се сметаме себеси за фаворити, без разлика дали играме дома или на гости. Веќе знаеме дека ако победиме ќе одиме на Светско првенство, ако изгубиме ќе бидеме елиминирани. Имаме одговорност да бидеме позитивни и да го добиеме натпреварот. Светско првенство без Роналдо? Нема Светско првенство без Португалија, овде нема поединци, тоа е тимот, сите сме тука за иста цел.
Македонија изненади и го направи тоа на многу натпревари, но верувам дека утре нема да нè изненади. Португалија ќе биде подобра и ќе одиме на СП. Секогаш има притисок врз професионалните играчи, но мислам дека сите се подготвени. Знам дека сите мислат дека ќе биде полесно против Македонија, но ќе биде исклучително тешко. Тие заслужија да бидат тука, но ако направиме пекол овде на „Драгао“, ќе направиме одличен резултат“, вели Роналдо.
Натпреварот меѓу Португалија и Македонија се игра во 20:45 часот. Меѓусебните дуели носат една победа за нашите ривали и едно реми без голови.