Атлетико Мадрид на свој терен оствари победа над тимот на Валенсија со 2-0 во 22. коло од Ла лига. Атлетико дојде до втората победа во низа, откако загуби од Џирона, а потоа и од Реал Мадрид во Суперкупот на Шпанија.
Фудбалерите на Диего Симеоне дојдоа во водство во судиското надополнување на првото полувреме кога Гризман имаше брилијантна асистенција до напаѓачот Лино, кој шутираше прецизно и донесе голема радост на трибините. Сè беше готово во 57. минута кога Молина нафрли од десната страна, а Депај со глава погоди за 2-0 и стави печат на триумфот.
Во продолжение холандскиот ас можеше да постигне и маестрален еврогол, фати еден полуволеј од скоро триесет метри, но топката заврши над самата греда.
Екипата на Валенсија беше прилично безопасна на дуелот, па Атлетико со трите бода се изедначи со Барселона па ги дели третата и четвртата позиција со 44 бода. Валенсија, пак, ја заврши одличната серија од четири победи и сега е осма со 32 бода.