Тимот на Борусија Дортмунд ја забележа третата последователна победа и победи со 3-1 (1-1) против Бохум во 19. коло од германската Бундеслига. „Милионерите“ беа апсолутно подобар противник и сосема заслужено стигнаа до десеттата сезонска победа.
Никлас Фулкруг од пенал ги доведе домаќините во водство уште во седмата минута, а гостите успеаја да израмнат во последната минута од првиот дел, откако Шлотербек си постигна автогол. На паузата резултатот беше 1-1, но во вториот дел Дортмунд рутински дојде до посакуваната цел.
Маестралниот Фулкруг во вторите 45 минути стигна до хет-трик и стави печат на сигурниот триумф. Најпрво го врати водството во 71. минута, а потоа уште еднаш биеше прецизно од пенал во првата минута од судиското надополнување и ги постави конечните 3-1. Тимот на Един Терзиќ со оваа победа за момент се зацврсти на четврата позиција, додека Бохум останува на 14. место на табелата, со вкупно 20 бодови.
Екипата на Унион Берлин славеше со минимални 1-0 на домашен терен против Дармштадт и дојде до многу важен триумф со кој барем малку ги израдуваа своите навивачи.
Домаќините на клупата го немаа суспендираниот тренер, Ненад Бјелица, но успеаја да дојдат до важни три бода со голот на Бенедикт Холербах во 62. минута. Унион стигна до седумнаесеттиот бод сезонава, додека Дармштадт останува „фенерџија“ на првенствената табела, со само единаесет освоени бодови.