Откако после суспензијата во екипата се вратија Елиф Елмас и Тихомир Костадинов, македонскиот „дијамант“ од Наполи влезе во почетните 11 на местото на Бобан Николов, а Костадинов на местото на Дарко Чурлинов, додека останатите деветмина се истите што тргнаа и го направија чудото против актуелниот европски првак Италија.
На голот е Столе Димитриевски, дефанзивната четворка е Езџјан Алиоски (лево), Дарко Велковски – Висар Мусиу (стопери) и Стефан Ристовски (десно). Во средниот ред, Аријан Адеми, Енис Барди како централни играчи за врска, Елмас и Тихомир Костадинов како крилни фудбалери за врска, а Александар Трајковски и Милан Ристовски во нападот, иако на графиката на УЕФА е ставен Костадинов во напад.
Португалците, пак, со стандардниот најавен состав и со три промени во тимот од тој со кој играа против Турција после враќањето на Жоао Кансело и Пепе.
Диего Коста е голман, Кансело, Пепе, Данило и Нуњо Мендеш во одбраната, Бруно Фернандеш, Жоао Мутињо и Отавио во средина, а Кристијано Роналдо, Диего Жота и Бернардо Силва во напаѓачката тројка.