Селекторот на Португалија, Фернандо Сантош, не ја криеше среќата за пласманот на Светското првенство во Катар.

„Се чувствувам радосно и среќно бидејќи Португалците ќе имаат можност да ја гледаат својата репрезентација на Светското првенство. Голема благодарност за поддршката за репрезентацијата, им честитам на моите играчи, покажаа огромна посветеност и играа тимски во секој момент од натпреварот, против ривал кој не беше лесен и тоа го покажа во првите триесетина минути. Знаев дека на овој меч Македонија нема комплетно да се врати во одбрана, а ние успеавме да пронајдеме линии за неколку успешни додавања по одземена топка и ги казнивме. Така стигнавме до првиот гол, а речиси на идентичен начин и до вториот. Португалија има многу светла иднина пред себе“, порача португалскиот селектор.