Српскиот џин Никола Јокиќ немаше милост за Лејкерс, ѕвездите од Ел-Еј се наоѓаат пред историски дебакл. Кошаркарите на ЛА Лејкерс без разлика што во сезоната влегоа дури и како еден од фаворитите за шампионскиот трофеј,на крајот би можеле да останат без место дури и во плејинот, во кој екипите од шестото до десеттото место за борат за пласман во плејофот.

Последен што успеа да ги посрамоти ѕвездите од Ел-Еј беше тимот на Денвер нагетс, кој лесно ги совлада во синоќешната пресметка во Калифорнија (129-118). Најзаслужен за тоа беше најдобриот од минатата сезона, Никола Јокиќ, кој средбата ја заврши со 38 поени, 18 скока и шест асистенции.

Кај „езерџиите“ го немаше Леброн Џејмс, но тука беа Ентони Дејвис, Кармело Ентони и Расел Вестбрук, кои, сепак, немаа сили против далеку побрзиот тим од Колорадо. Најпрецизни кај Лејкерси беа Дејвис со 28 и Вестбрук со 27 поени.

 

Составот од Лос Анџелес сега има само 31 победа во 78 меча и на четири меча до крајот на регуларниот дел од сезоната во НБА има две победи помалку од десетопласираниот тим на Западот, тимот на Сан Антонио спарс. Ова значи дека пласманот во плејинот веќе е невозможна мисија, додека Денвер дојде до скор 47-32 и е петти во Западната конференција, со огромни шанси да биде меѓу шесте екипи кои директно ќе се пласираат во плејофот.

РЕЗУЛТАТИ: ЛА Клиперс – Њу Орлеанс 119-100, Милвоки – Далас 112-118, Бостон – Вашингтон 144-102, ЛА лејкерс – Денвер 118-129, Индијана – Детроит 117-121, Кливленд – Филаделфија 108-112, Орландо – Њујорк 88-118, Торонто – Мајами 109-114, Хјустон – Минесота 132-139, Оклахома – Феникс 117-96, Сан Антонио – Портланд 113-92, Сакраменто – Голден Стејт 90-109