Кошаркарите на Барселона конечно ја прекинаа доминацијата на Реал Мадрид во младинските категории. Каталонскиот гигант во кошаркарскиот Купот на Кралот го симна од тронот најголемиот ривал, а најзаслужен за тоа беше неверојатниот талент кој има само 13 години и е висок 208 сантиметри!
„Кралевите“ го освојуваа младинскиот Куп во последните девет години, но доминацијата престана откако на паркетот се појави младиот Мохамед Дабоне, кој апсолутно доминираше и беше клучен играч во триумфот на Барса.
Дабоне веќе подолго време „отскокнува“ од своите соиграчи и очигледно е дека уште ќе расте, а многумина не му веруваат дека има само 13 години и мислат дека тој поседува лажен пасош. Играчот има импресивни физички карактеристики и не е воопшто чудно што неговите врсници се далеку поинфериорни од него. Во победата над Реал Мадрид (89-78), Дабоне забележа 22 поени, 26 скокови, пет украдени топки и дури шест блокади, со што беше убедливо најкорисен играч на натпреварот и сосема заслужено го доби МВП признанието.
Во просек, тинејџерот од Буркина Фасо има 18,5 поени, 13,4 скокови и 4,5 блокади по натпревар, а сите овие бројки говорат дека пред него е блескава кошаркарска кариера, а Барселона веќе работи на случајот и сака да го „бетонира“ неговиот престој со петгодишен стипендиски договор, вреден 50.000 евра по сезона. Ова се секако големи пари за 13-годишник, а неговите родители се пресреќни од условите во Шпанија и најверојатно веднаш ќе го потпишат новиот договор.
Интересот за младиот Дабоне расте секојдневно, а се шпекулира дека на финалето со Реал присуствувале и неколку скаути од познати НБА франшизи, како Голден Стејт Вориорс, Мајами Хит и Орландо Меџик.