На Европското кошаркарско првенство Б-дивизија што се одржува во Скопје, вечерва во финале ќе се сретнат репрезентациите на Македонија и Австрија.
Двете селекции веќе обезбедија пласман во А-дивизијата, но вечерва ќе се борат и за златниот медал како круна на нивните одлични настапи во досегашниот дел од шампионатот. Натпреварот се игра од 21:30 во „Борис Трајковски“ и тоа ќе биде и дуел на двете досега непоразени екипи на Европското првенство со тоа што Македонија досега одигра седум, а Австријците шест меча.
Јуниорите на Македонија од седум натпревари, шест пати победија со двоцифрена разлика и со 87,7 поени по натпревар е најефикасна на Европското првенство. Денешниот дуел ќе биде и директна пресметка на најдобрите стрелци на шампионатот – Имран Суљановиќ од Австрија (23 поени) и Никола Јаничиќ од Македонија (21,6).
Во мечот за третото место и бронзениот медал ќе се сретнат Полска и Бугарија, а победникот од нивниот дуел ќе им се придружи на Македонија и Австрија во А-дивизијата.