Koшаркарската екипа на Чаир 2030 е на добар пат да обезбеди влез во кошаркарската елита со оглед на доминацијата на теренот и првото место на табелата во Втора лига со скор 19-1, што воедно би можело да значи и дополнителна главоболка за комесарот Александар Милојевиќ, со оглед на работите кои се случуваат на средбите на овој тим.
Причина за ваквата констатација е забелешката од делегатот на неодамнешното дерби против Соколи 1933 (95-64) за отсуство на македонско знаме во салата „Шабан Трстена“ во Скопје. Присуството на државниот симбол е задолжителен на сите средби под ингеренции на КФМ. Касата на Чаир 203 остана попразна за смешни „дури“ 3.000 денари поради немањето желба или, пак, случајниот превид да се истакне знамето на Македонија.
Но, затоа во салата доминираа албански знамиња, кои беа истакнати на највидливите места, како и во публиката меѓу навивачите. Ова не е првпат вакви проблеми да се случуваат во макбаскетот со неистакнување државно знаме, со оглед што и во минатото имало вакви проблеми и тоа претежно со екипи кои настапуваа(т) во Чаир, како Лирија и Шкупи.
Според фотографиите објавени на официјалниот профил на Фејсбук на Чаир 2030, може да се види дека во салата биле запалени чадни бомби, што секако е прекршок според актите на КФМ, а во „два-три наврати имало вулгарно скандирање кон гостинската екипа“, поради што чаирчани се казнети со дополнителни 8.000 денари.