Во понеделникот пристигна многу тажна вест за кошарката и спортот воопшто. Легендарниот хрватски кошаркар и тренер Петар Сканси почина.
Легендарниот хрватски кошаркар и тренер Петар Сканси почина во понеделник на 78-годишна возраст. Сканси секако е најдобро запаметен како селектор на хрватската репрезентација која го освои среброто на Олимписките игри во Барселона во 1992 година.
Сканси е роден 1943 година во Сумартин, а кошаркарската кариера ја започна во сплитска Југопластика каде остана до 1972 година, а во меѓувреме и се приклучи на југословенската репрезентација со која го освои Светското првенство во Љубљана во 1970 година, како и среброто од Олимпијадата, СП и ЕП.
По Југопластика беше во Пезаро и се врати во Сплит како играч/тренер, а потоа седна на клупите на Скаволини, Венеција, Рома, Болоња, Бенетон, Крка, ПАОК, Сплит и хрватската репрезентација.
Како селектор ја водеше Хрватска на првиот турнир по осамостојувањето и веднаш го постигна најголемиот успех во независна Хрватска, а од 2012 година ја извршуваше функцијата помошник министер за наука, образование и спорт.
Посебна чест од Фиба доби во 1991 година кога беше избран меѓу 50-те најдобри кошаркари во светот, а ќе остане запаметен како еден од најголемите луѓе во историјата на хрватскиот спорт воопшто.