Шампионот на ВТБ лигата, Уникс Казан ја победи екипата на ЦСКА во Москва и се искачи на лидерската позиција во регионалното натпреварување.
Тимот од Казан триумфираше со 84-78, пред се благодарение на македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ кој постигна 38 поени од кои 19 во последната четвртина во која Уникс направи пресврт и дојде до победата. ЦСКА водеше со 60-56 кога Димитријевиќ се разигра и почна да погодува во серија. Во последниот период цел тим на Уникс постигна 28 поени, а 19 од нив ги реализира токму нашиот кошаркар.
Ова беше седми триумф по ред за Уникс кој со ова е осамен на првата позиција, додека ЦСКА го претрпе четвртиот пораз и потврди дека се наоѓа во лоша форма.