Кошаркарската репрезентација на Македонија за играчи до 20 години е на чекор од пласман во европската А дивизија. Младите кошаркари се пласираа во полуфиналето на Европското првенство Б дивизија, откако со 66:49 ја победија Велика Британија.
Македонија беше фаворит и пред да започне дуелот во „СРЦ Кале“ во Скопје, а младите коишаркари тоа го потврдија и на теренот. Гостите водеа со 7:6, а потоа следеше серија од 9:0 на Македонија за предност од 15:7. За прв пат нашите надежи имаа двоцифрена предност кога стигнаа до 21:11, а највисокото водство во овој период беше пред крајот на полувремето, кога на семафорот беше 30:18.
Македонија водеше со 53:42 во 33 минута, а 10 поени предност имаа и на четири минути пред крајот кога беше 59:49 и потоа рутински стигна до посакуваниот триумф.
Андреј Митревски со 17 поени беше најпрецизен во македонската чета, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште Теодор Симиќ со 13 поени и 11 скока и Петар Бошалески со 10 поени.
Во полуфиналето, Македонија ќе игра со подобриот од дуелот Холандија – Украина, кој започнува од 21 часот.