Во Неапол повторно се сонува „скудетото“, Наполи е само на бод од врвот после киксот на Милан со Болоња, па шампионската треска го зафаќа градот под Везув, кој до крајот на сезоната ќе пулсира и ќе живее за првата шампионска титула на Апенините уште од ерата на својот најголем великан, Диего Армандо Марадона.
Елмас откако дојде за 16 милиони евра од Фенербахче, сезонава кај Спалети блеска, веќе има 119 меча и многу близу е да влезе во топ 100 фудбалери по број на настапи, ама и по број на голови, иако него главна задача не му се погодоците.
„Македонскиот дијамант уште еднаш покажа дека е одлучувачки за Лучано Спалети. Пак тргна од клупата, за да остане единствениот кој ги одигра сите мечеви досега за Наполи и повторно е човек кој е повеќе од 12-ти играч. Повеќе од џокер на Спалети. Младото момче веќе има 40 меча сезонава, даде вкупно седум гола, запиша пет асистенции и во пола час што ги играше смени две позиции, а даде гол кој ја запечати многу важната победа во трката за ‘скудетото’“, пишува „Ил Матино“.
„И веќе нема сомнение дека Елмас порасна, напредна и тоа во два најзначајни сегменти – интензитет и континуитет на настапи. Не треба да чуди зошто е меѓу најдобрите фудбалери на негова возраст во Европа, а и лидер на Македонија. Таа моќ на флексибилност, да одигра на секоја позиција се виде во Бергамо. Го замени Политано на десно, а кога влезе Лозано се префрли на лево. И секогаш кога имате фудбалер кој може да покрие низа позиции, тоа е дополнитена вредност на еден тим, во случајот на Наполи“, додава весникот.
Во Наполи се надеваат дека Елмас до крајот на сезоната ќе придонесе со уште некој погодок, а од трите досега еден беше исклучително клучен против Милан на „Сан Сиро“ за Наполи да се врати во шампионската трка по титулата.