Актуелниот европски првак Челси против најтрофејниот клуб на светот Реал Мадрид, вечерва ќе ја имаат првата битка од „војната за полуфинале“ во Лигата на шампионите, во титанската пресметка која во сенка го остава последното четвртфинале помеѓу Вилјареал и Баерн Минхен.
Челси и Реал Мадрид и лани се судрија во завршницата за најпрестижниот пехар, во која пресметка „сините“ успеаа да стигнат до финале (2-0, 1-1), а потоа и да го освојат пехарот, втор во историјата во ЛШ, наспроти 13-те на „кралскиот клуб“, последен европски пехар во 2018 год.
За лондончани или за мадриѓаните една ера ќе заврши. Челси остана без Роман Абрамович, а викендов доживеа дебакл на свој терен од Брентфорд со 1-4, а и во последно време очигледно е дека е во криза, играат буквално бесплатно додека не се разреши ситуацијата со новиот газда.
Од друга страна, Реал Мадрид во последните три години е далеку од конкурентен за европскиот трофеј, но допрва следува изградбата на новиот галактички тим, со доаѓање на Килијан Мбапе. Дебаклот од Барселона на последното „ел класико“, е најава дека овој Реал во моментов е далеку од европскиот врв, ама после ПСЖ, сега Челси е новата голема пречка на патот кон нова европска слава.
Вилјареал успеа во осминафинале да го елиминира најтрофејниот италијански клуб Јувентус, па сега има уште поголем предизвик против најтрофејниот германски клуб Баерн предводен од Левандовски.
Баерн не е Јувентус, во Европа во последниве години игра далеку поголема улога, беше европски првак во 2020, за разлика од „старата дама“ , па така уште потешка е задачата за „жолтата подморница“ да направи нова сензација, а прво ќе мора да се запре Левандовски. Баерн има моќен напад, па Вилјареал ќе мора да одигра дефанзивн до перфекција.