Екипата на Вардар се враќа од гостувањето во Норвешка со еден бод од првиот натпревар во новата сезона откако денеска одигра нерешено со 27:27. Мартин Томовски беше играчот кој покажа дека е одлично засилување и со 15 одбрани помогна да се освои овој бод иако неговата игра беше клучна за Вардар постојано да биде во игра и за победа.
Почетокот донесе предност за домаќинот, но потоа вардарци наметнаа свое темпо и го контролираа мечот. Анте Гаџа постигна два брзи гола и ја префрли позитивата на страна на македонскиот првак. Се чинеше дека тимот на Веселин Вујовиќ ќе замине на пауза со убава предност. Но, концентрацијата како да попушти во финишот, што го искористи норвешкиот клуб за да направи серија од три гола и да се избори за егал (13-13).
Подобриот момент Елверум го продолжи и во вториот дел. Одново врза три гола во низа и го презеде водството. Оливие Њокас се разигра и постигна три погодоци во краток период, со што го врати македонскиот гигант во игра.
Резултатот се менуваше во корист на двете екипи. Но, никој не направи доволно висока позитива за да има мирна завршница. Неизвесноста беше присутна до самиот крај на мечот. „Црвено-црните“ во финишот останаа без Патрик Валчак кој заработи црвен картон. Норвешкиот претставник искористи два напади за да стекне 27-25 во последните пет минути. Тоа го натера Вујовиќ да бара минута пауза, со оглед на важноста на секој напад во завршните моменти.
Советите на црногорскиот стручњак вродија со плод, бидејќи Вардар израмни и се врати во игра за победа. Последниот напад го имаше нашиот шампион, но Гаџа не успеа да погоди, па на семафорот остана резултатот 27-27. Жереми Тото со шест гола беше најефикасен кај вардарци, пет постигна Јоел Моралес, а четири гола запиша Анте Гаџа.