Го растури ПСЖ во претходната рунда со тоа што му даде три гола на „Сантијаго Бернабе“, а вечерва со три гола го почести и европскиот првак Челзи и тоа на „Стемфорд Бриџ“. Два меча по ред, два хет-трика. Карим Бензема игра во неверојатна форма и го носи Реал кон врвот на Европа.

Вечерва на „Стемфорд Бриџ“ Реал го сомле Челзи кој и покрај проблемите со кои се соочува успеа да стигне до четвртфиналето на ЛШ и се чини дека тука ќе заврши нивната приказна. Реал победи со 3:1 токму благодарение на трите гола на Бензема и го чисти патот до полуфиналето.

Првиот гол беше по убава двојна акција со Винисиус, по која Бразилецот нафрли, а Французинот погоди.

Три минути подоцна Модриќ нафрли, а Бензема со глава уште еднаш го матира Менди на голот на „сините“. Во 40. минута Челзи намали. Германецот Каи Хаверц го најде патот до мрежата на Реал и ја врати надежта на својот тим дека може да ги поправи работите после лошите први 25 минути.

Но Менди со катастрофална грешка го надополни сивилото на Челзи вечерва. Погрешно додавање, Бензема краде и погодува за 3:1.

Тоа е 10-ти гол на Бензема во ЛШ оваа сезона.