Во првиот натпревар од четвртфиналето на Конференциската лига, Рома загуби на гостувањето кај Бодо / Глимт со 2:1, иако на полувреме водеше со 1:0. Избраниците на Мурињо загубија и на второто гостување кај истиот клуб сезонава откако Норвежаните постигнаа шест гола во натпреварот од групата.
Избраниците на Мурињо поведоа на две минути пред крајот на првото полувреме кога Пелегрини побегна од одбраната и ја заби топката под гредата за 0-1. Сепак, Бодо / Глимт успеа да направи пресврт, но Руи Патрисио многу им помогна на домаќините. Тој во 56. минута катастрофално го оцени летот на топката по ударот на Солтнес од работ на шеснаесетникот и буквално ја спушти топката во сопствениот гол за 1:1.
И кога се чинеше дека нема да има победник, домаќините го постигнаа вториот гол. На минута пред крајот добија слободен удар во форма на скратен корнер од десната страна, а Ветлесен со глава го совлада Руи Патрисио за 2:1.