Иако до крајот на сезоната остануваат уште осум кола, неделното дерби меѓу Манчестер Сити и Ливерпул би можело да биде решавачко за тоа кој ќе биде шампион во англискиот фудбал.
Двата тима ќе имаат уште седум натпревари до крајот на сезоната, ќе има уште 21 бод во игра, но повеќето британски медиуми сметаат дека натпреварот на „Етихад“ најверојатно ќе има клучна улога во борбата за титулата. Победа би му донела на Сити четири бода предност, а Ливерпул со победа ќе го преземе лидерското место. Сити во јануари имаше 14 поени предност, но во пресрет на неделната пресметка остана со само еден поен предност.
Клоп: Мислам дека Сити е најдобриот тим во светот
“Знам дека разликата беше 14 поени, но имавме два натпревари помалку. Мислам дека тие не се под поголем притисок од нас. Играат дома, тие се мирни и одлучни на повеќето натпревари. Навистина се радувам на натпреварот, но нема да се разликува од ниеден друг натпревар“, изјави тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп.
„Да бидам целосно искрен, мислам дека тие се најдобриот фудбалски тим во светот, но тие имаат само еден бод повеќе од нас во моментов, па очигледно направивме нешто како што треба“, додаде Клоп, заклучувајќи:
Мислам дека силен противник најмногу помага во спортот, ете и Надал и Федерер уживаа во ривалството што го имаа. Така е во спортот. Не би рекол дека сум благодарен што Сити е толку добар, но тоа не штети на нашиот развој. А Пеп е најдобриот тренер во светот. Мислам дека сите би се согласиле околу тоа“.