Лука Модриќ се уште не го продолжил договорот со Реал Мадрид, но нема проблеми со тоа, тврди Каркло Анчелоти, кој до крајот на кариерата го гледа во кралскиот клуб .

Тренерот на Реал, Карло Анчелоти во саботата изјави дека капитенот на хрватската репрезентација Лука Модриќ ќе ја заврши кариерата во Реал Мадрид бидејќи ниту клубот ниту играчот немаат проблем да го обноват договорот кој му истекува за два и пол месеци.

“Верувам дека Лука ќе ја заврши кариерата тука во Реал Мадрид. Не знам кога, но тоа е идеја на сите. Тој нема проблем да го продолжи договорот, ниту ние, ниту клубот. Сè е прилично јасно”, изјави Анчелоти на конференција за медиумите во Мадрид во пресрет на првенствениот натпревар со Севиља.

Модриќ, најстариот играч на Реал Мадрид со 36 години, се надева дека ќе го продолжи договорот, кој истекува на 30-ти јуни.

„Тој е многу внимателен и немаше позначајни повреди во текот на кариерата. Тоа многу му помага“, додаде Анчелоти.

Запрашан да го спореди играчот од средниот ред Модриќ со друг постар фудбалер со кој беше Анчелоти во текот на неговата кариера, италијанскиот тренер го спомена својот поранешен соиграч од Милан во раните 90-ти, кого подоцна го тренираше во истиот клуб.

„Треба да истакнам дека имав една фудбалска легенда, (Паоло) Малдини, кој ја освои својата последна Лигата на шампионите на 40-годишна возраст. Така, ако треба да го споредувам со некого, би сакал да го споредам со него. Квалитетот, сериозноста,  начинот на кој тој го разбира фудбалот. Тие се фудбалски легенди“, изјави Анчелоти.

Италијанецот го задржува Модриќ во стартниот состав на средината на теренот во формација 4-3-3, а на последниот натпревар во вторник против Челзи го остави на теренот сите 120 минути.

Реал Мадрид губеше со 2-3 по продолжение, но поради победата од 3-1 во првиот натпревар се пласираше во полуфиналето на Лигата на шампионите.

УЕФА за играч на тој натпревар го прогласи Модриќ кој асистираше за првиот гол. Во четвртокот, врз основа на собраните гласови на веб-страницата на УЕФА, тој беше прогласен за играч на неделата во Лигата на шампионите.

Водечкиот тим во шпанското првенство Реал Мадрид во недела гостува во првенството против третопласираната Севилја каде ќе ја брани предноста од 12 бода пред неа.

Модриќ оваа сезона настапи на 37 натпревари, на кои забележа девет асистенции и постигна три гола. За Реал Мадрид настапува од летото 2012 година кога дојде од лондонски Тотенхем.