Ако на Светското првенство во Египет отпатувавме по откажувањето на Чешка, сега за билет на Мундијалот во Полска и Шведска треба да се соочиме и да го елиминираме истиот ривал, Чешка остави одличен впечаток на Европскиот шампионат, но во меѓувреме Сабате ја презеде и ја измени репрезентацијата.
Нашиот селектор Кирил Лазаров има само пофалби за нашиот ривал во мундијалскиот бараж.
„Дојдовме до тоа што го посакувавме, последен бараж пред пласман на Светското првенство. Чешка е сериозна репрезентација којашто имаше многу добро Европско првенство, можеби им недостасуваше малку спортска среќа да направат чудо и да ги елиминираат финалистите на првенството, Шведска и Шпанија. Се работи за тим кој одигра квалитетно и која можеби домаќинството во Словачка ќе им донесе поддршка од публиката затоа што се соседи. Тоа е тим за респект, која лично, мене ме изненади како го изигра тоа првенство. Се работи за амбициозен тим кој во последните години правеше добри резултати, се сеќаваме во 2018 година на Европскиот шампионат и 2020 година имаше забележителен настап.
Следи тежок предизвик, мора да ги искористиме овие 3-4 дена да се подготвиме. Ако треба да ја споредам Чешка со Романија, можам да кажам дека 15 до 20 отсто се работи за повоиграна репрезентација, иако не треба да се занемари квалитетот на Романците. Нема да не плаши тоа, имаме јасна идеја, можеби ќе ѝ ја препуштиме фаворитската улога, меѓутоа ние сакаме Светското првенство и спремни сме да го дадеме нашиот максимум да дојдеме таму. Мислам дека многу ќе ни значи уште еден настап на Светско првенство со оваа нова генерација. Спремни сме за предизвикот, доста анализиравме, иако ќе ни биде доста чудно затоа што немаме доволно материјал со новиот тренер. Материјалот од Србија и Чешка од пријателските не успеавме да го добиеме, меѓутоа ќе најдеме начин како да се подготвиме за тоа. Како многу пати што сум кажал досега, мора да се посветиме на нас самите. Одиме во една нагорна линија, се наоѓаме на добар пат и се надевам дека ќе останеме сите здрави, тоа ни е најважно, затоа што ни недостигаат тројца важни играчи – Мартин Велковски, Дејан Манасков и Цветан Кузманоски. Имаме и некои проблеми со Павле Атанасијевиќ, го повикав, дава позитивни знаци. Ќе се потрудам да ги одберам најдобрите шеснаесет за настапот со Чешка“, вели Лазаров.
Денес и утре нашите репрезентативци ќе тренираат во салата во Автокоманда, а в понеделник првпат ќе бидат комплетни по доаѓањето на интернационалците и заеднички ќе работат во СЦ „Борис Трајковски“. Заминувањето во Злин е предвидено за вторник попладне.