Францускиот гигант Пари Сен Жермен направи нов чекор поблизу до верификација на новата шампионска титула, која сезонава не беше доведена во прашање, откако вечерва го растури Клермон на гостувањето со 6-1 и два хет-трика на Килијан Мбапе и Нејмар.
ПСЖ со победата дојде до 71 бод на седум кола до крајот и 15 бода во однос на Рен и Марсеј, па до крајот на сезонава две победи веројатно ќе им бидат доволни на „светците“ за шампионскиот пехар да го вратат во своите витрини после една година пауза.
Дека „светците” ќе победат јасно беше после 20 минути, кога Лионел Меси двапати асистираше, за Мбапе и Нејмар да дадат по еден гол во 6-та и 19-та минута, а откако Досо три минути пред полувремето го врати Клермон во мечот, тоа само ги налути ѕвездите на парижаните.
До 19 минути пред крајот, ПСЖ беше тивок, ама потоа во завршницата експлодира. Нејмар во 71-та даде гол од пенал, па му асистираше на Мбапе три минути потоа, а во завршните десет минути, Меси дојде до хет-трик со асистенции за трет гол на Мбапе во 80-та, па француската суперѕвезда му асистираше на Нејмар за свој хет-трик во 83-та.
Така супертриото одигра меч за паметење во кој секој заврши со хет-трик, Мбапе и Нејмар со голови, а Меси со асистенции.
Клермон со петтиот пораз во низа и 17-ти сезонава остана прв над опасната зона со 28 бода, еден повеќе од Сент Етјен.