Поранешниот југословенски ски-скокач Примож Улага е осуден на 23 месеци затвор, условно на три години, за примање поткуп.
Поранешниот југословенски ски-скокач Примож Улага е осуден на 23 месеци затвор, условно на три години, откако беше прогласен за виновен за незаконско примање поткуп од спортисти додека бил на чело на Словенечкиот скијачки сојуз.
Улага се изјасни за невин за време на сослушувањето во 2020 година, но ја промени изјавата и се изјасни за виновен на судењето во понеделникот, објавија словенечките медиуми.
Обвинителството го обвини Улага дека додека бил на чело на скијачкиот сојуз од неколку репрезентативци на ски скокачкиот тим и двајца тренери им побарал дел од парите од нивните лични спонзорски договори .
Двајцата ски-скокачи, Петер Превц и Роберт Крањец, го одбиле неговото барање, но Улага им зел 25 отсто од спонзорските договори на двајца тренери и ски скокачот, Андраж Пограјац, или по неколку илјади евра од секој.
По гласините за корупција, Примож Улага поднесе оставка од функцијата претседател на Словенечкиот скијачки сојуз во 2013 година, кога беше констатирано дека тоа го направил од лични причини.
Примож Улага во својата богата кариера го освои екипниот сребрен медал за Југославија на Игрите во Калгари во 1988 година, а во Светскиот куп оствари девет победи.