Македонските ракометни репрезентативци ги пакуваат куферите за првиот бараж меч против Чешка за место на Светското првенство 2023 година. Кирил Лазаров и неговите избраници денеска (17:40 часот) со чартер лет патуваат за Злин, каде утре ќе ги одмерат силите со чешките ракометари.
Гостувањата никогаш не биле лесни против оваа селекција, поискусните репрезентативци добро го знаат тоа. Мора да се даде максимумот во Злин, за да на реваншот во Скопје се стави печат на мундијалската виза.
„Во последните неколку години за чудо не игравме со нив бидејќи претходно редовно се среќававме со овој ривал, како во квалификациите, така и на големите натпреварувања. Имаме со нив и позитивни и негативни искуства, сме добивале и сме губеле… тие не се топ – репрезентација, но со она што го покажаа на последното Европско првенство, тие и покрај тоа што не поминаа група докажаа дека се сериозна селекција како колектив и треба да одработиме на најдобар можен начин.
Мораме да се подготвиме идеално и физички и тактички за да можеме да им парираме. На првиот натпревар треба да одиграме на високо ниво, солидно, како што знаеме и што сме способни, а потоа на реваншот во Скопје со голема поддршка од публиката да обезбедиме пласман на светскиот шампионат“, ни изјави Никола Митревски.
Очекувано, Чешка ќе се обиде на домашен терен да направи поголема разлика, вакви се најавите од противничкиот табор. Оваа математика е различна од нашата, потенцира репрезентативниот голман.
„Чесите коментираат дека сакаат што поголема разлика во Злин, но тоа е нивна математика, сосема различна од онаа нашата. Треба да се подготвиме за нашата игра, без разлика што тие планираат. Ако тие бркаат голема позитива, тоа значи и притисок врз нив самите, ќе донесе и грешки бидејќи секогаш кога се брка некоја разлика, без оглед дали е тоа три, пет или седум гола, притисокот придонесува да се прават грешки кои се невообичаени“.