Средина на април е, а најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ од познати причини денеска го одигра само четвртиот меч сезонава. Претходните три ги одигра во февруари во Дубаи, каде што неочекувано беше сопрен од Чехот Јиржи Весели, а денеска беше поразен на стартот од турнирот во Монте Карло.
Далеку од неговото препознатливо ниво, Ноле денеска беше поразен од шпанскиот тенисер Алехандро Давидовиќ-Фокина, 46. на АТП листата со 2:1, во сетови 3:6, 7:6 (7:5) и 6:1, по тричасовна борба.
Веќе на почетокот на мечот беше јасно дека Новак ќе има проблеми против ривалот кого убедливо го победи на двете претходни меѓусебни средби, двата пати во текот на минатата сезона.
Ѓоковиќ го доби првиот гем на свој сервис, а потоа лесно ги загуби следните три и Шпанецот дојде до брејк предност. Не застана тука, па направи нов брејк, поведе со 4:1, а дури тогаш Новак успеа да возврати, намалувајќи на 4:2 на сервис на ривалот, но не можеше повеќе од тоа. На крајот од првиот сет Давидовиќ-Фокина го доби третиот гем на сервис на Ѓоковиќ, за конечни 6:3 во овој дел од играта.
Се очекуваше одговорот на Новак во вториот сет, но Давидовиќ-Фокина веднаш дојде до брејк предност за водство од 2-0. Во третиот гем се водеше маратонска борба, Ѓоковиќ имаше пет брејк топки, не искористи ниту една, па Шпанецот поведе со 3:0.
Српскиот тенисер не се предаде, намали на 3:2, ја врати надежта, по што следуваше нов брејк на двете страни, што беше вовед во најдобриот период од мечот за Новак Ѓоковиќ, кога врза три добиени гема и поведе со 5:4.
Но, наместо да го потврди освојувањето на вториот сет на свој сервис, тој дозволи шести брејк на Давидовиќ-Фокина од почетокот на мечот! Недозволиво, без разлика на големата пауза што ја имаше Новак сезонава.
Потоа се влезе во тај-брејк, Ѓоковиќ повторно се најде во ситуација да брка резултат, но успеа да поентира кога беше најважно и прв стигна до сет топката. Веднаш ја искористи и по голема борба израмни во сетови!
Доколку беше во шампионска форма, ова ќе беше голем импулс за Новак да направи пресврт во третиот сет, но за жал се уште е далеку од тоа.
Во третиот сет му дозволи ран брејк на ривалот, се обиде да возврати во следните три-четири гема, но кога Шпанецот направи нов брејк за водство од 4:1, стана јасно дека нема ништо од пласман на Ѓоковиќ во третото коло.
Да потсетиме, Новак ШЃоковиќ неодамна ја заврши соработката со долгогодишниот тренер Маријан Вајда, Горан Иванишевиќ се уште е таму, но отсуството на Вајда тешко се надополнува, особено во оваа ситуација во која се наоѓа Ноле оваа сезона.