Големо изненадување видовме на првиот завршен четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите. Откако славеше во првиот меч, Виљареал со гол во последните минути стигна до реми во Минхен и го исфрли Баерн со вкупни 1:2.
Баерн очекувано влезе во натпреварот многу сталожено и офанзивно, но изостана ефектот на кој се надеваа Баварците. Виљареал одлично стоеше, без поголеми проблеми ги одбиваше нападите на домашните, а во моментите кога ја имаше топката домашните долго време ја држеа во свој посед.
Баерн сепак со текот на времето добиваше предност во поседот, но без поголеми можности. Не можеа Баварците да создадат поконкретна можност да го размрдаат Виљареал, кој изгледаше одлично. За издвојување е добриот обид на Џамал Мусиала од 30. минута, но голманот на Виљареал беше на место.
Само пет минути подоцна Баерн можеше да западне во огромни проблеми. Црвен картон можеше да заработи Роберт Левандовски. Заработи жолт картон поради прекршокот над Раул Албиол, а само неколку моменти подоцна можеше да добие втора опомена со нов фаул. За среќа на Баерн, Славко Винчиќ не го исклучи.
На одмор се замина без голови, што му одговараше на Виљареал кој имаше предност од Шпанија. Во продолжението од мечот Баерн тргна далеку поофанзивно и во почетните минути изврши опасен притисок врз гостите.
Во 50. минута Дајот Упаменкано имаше одлична можност, но неговиот удар од десетина метри мина над голот. Конечно, две минути подоцна одбраната на Виљареал киксна, Томас Милер убаво го проигра Роберт Левандовски кој во негов стил убаво постигнува гол и го носи Баерн во водство.
Баварците продолжија да доминираат, се чувствуваше дека се многу блиску до вториот гол, но Виљареал се покажа како тим со девет животи. Баерн во никој случај не успеа да дојде до вториот гол кој целосно ќе го натераше Виљареал на далеку поофанзивна игра.
За жал на Баварците, во 88. минута се случи неверојатен шок. Наместо вториот гол што сите го очекуваа на Алијанц Арена, гол постигна Виљареал. По еден контранапад на Виљареал, Самуел Чуквуезе шутираше одлично и го совлада Мануел Нојер.\
Премалку време остана до крајот за Баерн, Виљареал одлично ја искористи преостанатата замена и мирно го приведе натпреварот кон крајот. Ретко кој очекуваше ваков расплет, но Жолтата подморница повторно е во полуфиналето на Лигата на шампионите. Феноменален резултат за нив и голем неуспех на Баерн Минхен .