Манчестер Јунајтед го победи Норич Сити со 3-2 во 33. коло од Премиер лигата и остана во игра за Лигата на шампионите. Екипата на Рангник дојде до победата со хет-трикот на фантастичниот Кристијано Роналдо, кој му донесе победа на Јунајтед со прекрасен гол од слободен удар во 76. минута.
Јунајтед поведе во 7. минута откако Еланга ја искористи грешката на гостинската одбрана и му асистираше на Роналдо кој немаше проблем да погоди во практично празен гол. Во 32. минута Португалецот со глава зголеми на 2:0, по што Норич се разбуди.
Најпрво Дауел намали на 2:1 во судиското продолжение во првото полувреме, а Пукки со гол во 52. минута ги врати гостите во игра. Сепак, Јунајтед дојде до победата благодарение на Роналдо кој во 76. минута мајсторски изведе слободен удар од 25 метри.
Ова беше 21-ви гол за Роналдо во сезоната и неверојатен 60-ти хет-трик во неговата богата кариера. Со оваа победа Јунајтед скокна на петтото место и го прескокна Арсенал, кој изненадувачки загуби во Саутемптон со 1:0 со голот на Јан Беднарек во 44. минута.