Спектакуларен натпревар се одигра во Бостон. Фантастичен меч беше виден на стартот од серијата од воведното коло од плејофот помеѓу Бостон селтикс и Бруклин нетс (115-114), откако домашниот тим дојде до водство со 1-0 во драматичен меч решен со кошот на Џејсон Тејтум буквално со звукот на сирената.

Тоа беше најава за феноменална пресметка, која лесно може да се случи да биде решена во шест или седум меча, во која двата тима неколку пати се менуваа во водство и тоа со серии од кои „боли глава“. Тејтум средбата ја заврши со 31 поен, Џејлен Браун постигна 23 поени, Маркус Смарт 20 поени, колку што уфрли и Ал Хорфорд, кој имаше и 15 скокови. На спротивната страна блескаше Кајри Ирвинг со 39 поени, од кои 18 во последниот период, кога Бруклин направи пресврт и направи предност од пет поени, која не успеа да ја сочува до крајот.

 

Феникс санс, најдобриот тим во регуларниот дел од сезоната во НБА, без проблеми го совлада Њу Орлеанс пеликанс (110-99), триумф за кој најзаслужен беше ветеранот Крис Пол, кој постигна 30 поени и 10 асистенции. Девин Букер додаде 25, а Диандре Ејтон 21 поен, додека Си-Џеј Мекалум со 25 поени беше најпрецизен кај гостите.

 

Актуелниот шампион Милвоки бакс исто така со победа го почна плејофот и тоа во воведната пресметка во серијата со Чикаго булс (93-86), во меч кој беше неизвесен до крајот и во кој „биковите“ во завршницата влегоа само со еден поен негатива (86-87). Но, до крајот не постигнаа ниту еден поен и мораа со наведнати глави да го напуштат паркетот. Јанис Антетокумпо, беше најдобар кај „елените“ со 27 поени и 16 скока, додека Никола Вучевиќ со 24 поени и 17 скока беше најдобар кај шесткратниот НБА-првак.