Кошаркарите на Македонија до 18 години одиграа тежок натпревар против Ирска и успеаа да слават по продолженија (62-62 регуларен дел, 73-63) над ривалот на стартот на Европското првенство Б-дивизија кое се игра во главниот град на нашата земја Скопје.

 Почетокот на натпреварот беше во знакот на противникот кој константно водеше од првата минута. До полувремето Македонија ја презеде играта и на пауза замина со 37-32, пред се поради добрата игра на капитенот Никола Јаничиќ кој даде пет врзани поени пред финишот.

 

Дуелот беше неизвесен и на пет минути пред крајот, резултатот беше 59-60 за Ирска, па се редеа низа грешки и на двете страни. Откако Трајанов промаши тројка, Ирска казни и се одлепи на 59-62, следеше тајм-аут за Македонија кој не ни помогна да поентираме. На 60 секунди пред крајот на семафорот во „Кале“ стоеше истиот резултат со плус три за Ирците, а Никола Јаничиќ со тројка израмни на 62-62 на 45 секунди.

Откако не се реализираше напад на двете страни, Македонија го доби последниот. Имаше уште десет секунди на семафорот, но следеше неверојатна загубена топка и напад за ривалот. Во самиот финиш реализира Деклан Гбинџи, но шутот беше по истек на времето и добивме продолженија. Екстра-времето го отвори со тројка  Јаничиќ, а потоа следуваа поени и од линијата за слободни, кои на крајот се покажаа вредни за триумфот. Победата ја запечати Ристе Букршлиев со тројка на 21 секунда пред крајот.

Најдобар поентер кај Македонија беше капитенот Јанчиќ со 27 поени, додека Марко Луканоски, Лука Марјановиќ и Бојан Димитриев имаа по девет поени. Кај Ирците, Нџекве имаше 15, а Игбокве 12 поени. Нашиот национален тим следниот натпревар на ЕП го игра утре (сабота) кога од 18:30 часот се среќава со Босна и Херцеговина која со убедлива победа го совлада Кипар.