Ден “Д“ за сите четири екипи кои и тоа како имаат амбиции да се најдат во големото финале кое е закажано на 20 мај во Скопје.
„Дербито“ ако може така да се каже е во Струга. Стружани цела пролет се подготвуваат за овој за нив историски меч. “Лавовите“ се во супер форма, играат одлично, имаат шанси и преку првенството да изборат евро виза, но сепак финале е финале.
За Струга ТЛ цела сезона е во овој натпревар. Знаат со кого ќе си имаат работа, мотиви има до небо и на двете страни.
Ќе биде жестоко, борбено, битка до истребување, и јасно е дека попладне во Струга се очекува неизвесен дуел.
Пелистер и официјално е второлигаш. Но затоа битолчани сакаат сезоната, која за нив беше турбулентна, да ја завршат со финале во Купот на Македонија. А за тоа имаат шанси, иако Силекс е бранител на трофејот, има одличен тим и под водство на стратегот Горазд Михаилов експресно ќе се врати во ПМФЛ, сепак кратовци се “најдобар“ ривал за Пелистер и тоа кога играат дома.
Ова е куп натпреварување. Нема фаворити, нема аутсајдери. Изненадувања имало и ќе има, затоа сите си имаат свои шанси.Значи четири желби а само две ќе се остварат.
Се игра по еден натпревар, нема реванши, во случај на нерешен резултат по истекот на 90.минути во Струга и Битола, веднаш ќе се изведуваат пенали и на тој начин ќе се дојде до победникот.