Британскиот Формула 1 возач Луис Хамилтон и една од најдобрите тенисерки во историјата, Серена Вилијамс, се меѓу потенцијалните нови сопственици на англискиот фудбалски гигант Челзи. Седумкратниот светски првак во Формула 1 и тенисерката би требало да бидат дел од конзорциумот кој е предводен од Мартин Бротон.
Тој е некогашен претседател на управата на Ливерпул и директор на компанијата „Бритиш Ервејс“. Серена Вилијамс и Луис Хамилтон, како што пишува „Скај Спортс“, би требало да учествуваат во купувањето на Челзи со по 10 милиони фунти. Хамилтон, инаку, од своето детство е навивач на Челзи. Од славните, глобално познати спортисти, во клуб од Премиер лигата свој удел има и НБА ѕвездата Леброн Џејмс, кој поседува мал дел акции од Ливерпул.