Фудбалерите на Фиорентина играат перфектно во последните неколку кола во Серија А, а добрата форма ја потврдија со победа од 0:2 на гостувањето кај Кремонезе.

Фиорентина ја оствари третата победа по ред и е тимот кој е во најдобра форма во Серија А. Сасуоло е тимот кој пак има две победи во низа, и серијата може да ја продолжи доколку вечерва ја изненади Рома на „Олимпико“.

Победата на Виолетовите ја најави Мандрагора во 27-та минута, а ја завери Артуро Кабрал на стартот од второто полувреме. Со новиот триумф, Фиорентина сега е 11-та на табелата со 34 бода, додека Кремонезе е последен со 12 освоени бодови, колку што има и Сампдорија.

 

Победа на гости оствари и Торино против Лече со 0:2. Биковите до триумфот стигнаа со головите во првото полувреме, Синго во 20-та минута го отвори резултатот, а победата ја завери Санабрија само три минути подоцна.

Верона и Монца ги поделија бодовите играјќи 1:1. Домаќинот поведе преку Верди во 53-та минута, а само две минути подоцна Сенси го постави конечниот резултат.